5. Основна карактеристика на богословието на игуменот Кирил Пејчиновиќ е бескомпромисната Христоцентричност – во неа сè е осмислено од Богочовекот. Неговата етика, толку истакнувана како единствена значајна тема, е до својата срж втемелена на Каменот, кој нејзините не малубројни проучувачи, толкувачи и критичари едноставно Го отфрлија и ја оставија да „лебди во воздух“. Во овој контекст, од пресудно значење е светоотечкото разбирање на етиката, кое на отец Кирил му било многу добро познато. Тоа ја поставува етиката секогаш во контекст на аскетиката, подвижништвото. Последното, како изразито динамично дејствие, секогаш подразбира искачување кон Прволикот, Образот (оттука доаѓа и етимолошкото и семантичкото значење на терминот образование), т.е. уподобување на Христа. Без овој аскетски елемент, кој е силно нагласен кај отец Кирил, етиката останува сосема обесмислена и обезличена, бидејќи безумно се ампутира, ни помалку ни повеќе, самата нејзина глава – Личноста на Богочовекот.
Ваквата атеистички разбрана етика, во себе го асимилира и просветителството, кое останува осмислено од неа самата – етиката со загубена смисла. Таквото фиксирање за формата, проследено со потполно игнорирање на суштината е карактеристично за пристапот и на најекспонираните македонски книжевни научници од втората половина на XX век, како што е случајот и со д-р Харалампие Поленаковиќ, кој тврди: „Во неговите (Кириловите) дела, покрај постојано потцртуваната тенденција за чистењето на верата од заблуди и суеверија, се вовлекуваат и такви елементи со кои можат тие да претставуваат и нешто како почеток на новата македонска книжевност“[1]. Тој како да ја наѕира суштината на Кириловото просветителско дело, но поради длабоката оттуѓеност од преданието на Црквата на која „калуѓерот“ и припаѓал, карактеристична за екстремниот секуларизам чиј следбеник бил и останал, тој очигледно не бил способен да ја согледа во сета нејзина полнота.
Самиот игумен Кирил, пак, на просветителството гледа од сосема поинаква перспектива. Ако секуларистичката беше дводимензионална, површинска, тогаш Кириловата перспектива е изразито тридимензионална, а по својата насоченост – обратна, на што укажува и насловот на неговото најзначајно литературно дело „Огледало“. Таа е секогаш свртена од внатрешноста кон надворешноста, од суштината кон формата, од Христа кон светот. На тој начин, и најмалото делче од овој свет ја наоѓа својата смисла во Богочовекот и во пројавувањето на Царството во него.
Кириловото просветителство секогаш подразбира средба – средба со Самата Светлина на светот, разбрана во сета Своја ипостасна полнота како Слово Божјо. Тој природно ја подразбира едноипостасноста на Светлината и Словото. Единствено преку таа едноипостасност може да се проникне во смислата на науката и просветителството и нивната онтолошка поврзаност. Затоа, наведувајќи ги богомудрите зборови на светиот евангелист Јован Богослов: „Елици пријаша Его, даде им власт чадом Божиим бити, елици од Бога родишасја, а не от плоти и крви и похоти“ (Јован 1,12-13), последните зборови ги објаснува: „сиреч (односно) научених од духовних, а не од плотских… (и заклучува) – и зато треба да послушамо слово Божие“[2]. Тајната на раѓањето за вечен живот, т.е. Боговосинувањето, за него е реализирана во познанието на Словото Божјо – во теологијата, односно богословењето – словењето за Бога.
[1] Харалампие Поленаковиќ, Никулците на новата македонска книжевност, Мисла, Скопје 1973, стр. 81
[2] Кирил Пејчиновиќ, Собрани текстови, Македонска книга, Скопје 1974, стр. 19 – Тука отец Кирил останува до крај верен на библискиот контекст во кој се користат двете Божествени имиња за втората Ипостас на Света Троица – Слово и Светлина. На тој начин, зборувајќи за Светлината, тој истовремено зборува и за Словото и за Христа, потенцирајќи го нивното суштинско единство.
the best
Ми се допаѓаМи се допаѓа