2. Кириловото израснување во семејство, на кое подвигот му бил есенцијален животен импулс, било овенчано со примањето на монашки потстриг и свештеномонашки чин на Света гора атонска во знаменитиот Хиландарски манастир. Таму тој се сретнува со најавтентичниот и најдлабокиот православен подвижнички живот, но и со многубројните искушенија, со кои неговите носители се соочувале низ целата времена историја на Црквата. Ваквата духовна атмосфера имала пресудно значење во формирањето на неговата личност.
Во времето кога Кирил Пејчиновиќ за првпат доаѓа во Хиландар[1], целиот монашки живот на Света гора атонска бил разбрануван од спорот поврзан со движењето на светогорското филокалиско (коливарско) движење.
Коливарството, како чисто агиоритско движење, по својот дух аналогно на исихазмот од 14. век[2], се застапувало за враќање кон фундаменталните принципи на православното подвижничко искуство. Негова општа карактеристика е „тежбата на неговите носители да му останат докрај верни на светоотечкото предание и на патристичкиот пристап кон тајната на откровението. Без да се занемари знаењето повеќе се подвлекувало значењето на внатрешниот духовен и морален препород“[3]. На тој начин, коливарството се јавува како „противтежа на рационалистичко-просветителското движење од XVIII век и првата половина на XIX век“[4], кое за основен критериум на познанието ги зема природата и умот, а со таквиот вид на познание го мери и откровението.
Спротивставувајќи се на актуелните отклонувања од православното црковно предание, тие имале за цел да му го доближат на народот Божји автентичното богословие на светите отци. При толкувањето и преведувањето светоотечката литература тие се користеле со говорниот народен јазик. Нивната доследност и втемеленост во Светата литургија се проектирала во сите сфери на нивното дејствување, при што особено „се труделе да ја инкорпорираат библиската порака во човечкото катадневие“[5].
Тие категорично се спротивставиле на неправилните практики распространети меѓу христијаните како нередовното причестување, суеверието и погрешното извршување на богослуженијата. Своето име „коливари“ го добиле токму поради нивното застапување благословувањето на пченицата (коливото) да се извршува во сабота, како што е пропишано од каноните, а не во Недела, како што се практикувало[6]. Оттука, може да се забележи дека тие „се одликувале со верност од старозаветен тип кон црковните обреди и литургиското правило, но верност што сепак била богословски и духовно осмислена“[7].
Борејќи се против идеите на свиоте идејни „Варлаами“, кои ригидно го отфрлале нивното учење, филокалистите се соочувале со многубројни искушенија. На помесниот собор во Цариград, одржан 1819 година, учењето за редовното причестување на бележитиот претставник на движењето Никодим Агиорит било потврдено, а со тоа и самото коливарство било општо и официјално препознаено од Црквата.
Во овој контекст, мора да се нагласи исклучителното значење на Света гора како интелектуален центар на православието во иноверната турска империја. Образованието, кое монасите го добивале на овој, не без причина наречен „пустински универзитет“[8], во никој случај не е за потценување, особено ако се земат за примери поедини негови „студенти“ и „професори“ од овој период, а особено знаменитите претставници на филокалиското движење, како Неофит Капсокаливитски, Атанасиј Пароски, Никодим Агиорит, Макариј Коринтски, Пајсиј Величковски, Пајсиј Хиландарски и Кирил Пејчиновиќ. Библиотеките на светогорските манастири претставувале неисцрпни сокровишта на божествената, но и човечката философија и наука[9]. Непобитно е дека синергизмот помеѓу молитвата и работата, како едно од основните начела на светогорскиот подвижнички живот, секогаш ја опфаќал и интелектуалната работа.
Ваквата средина, втемелена врз принципите на филокалиското движење, а во која младиот монах Кирил духовно и интелектуално се изградувал, извршила пресудно влијание врз оформувањето на неговата личност и во потполност го осмислила неговиот понатамошен животен подвиг. Севкупното негово дејствување е во потполност проникнато со идеите на филокалиското движење, со што игуменот Кирил се вбројува меѓу најзначајните негови претставници во Македонија, заедно со јермонахот Јоаким Крчовски и презвитерот Саво Калишки. Во потполност посветувајќи се на подвижничкиот монашки живот и препознавајќи го од Бога даруваниот учителски дар, јеромонахот Кирил добива благослов од хиландарските отци да се врати во Македонија и да започне со својата просветителска дејност.
[1] Точното време на Кириловото заминување на Света гора и времетраењето на неговото тамошно подвизување не е познато, но во секој случај, тој период на неговиот живот му припаѓа на крајот на XVIII век.
[2] И покрај далеку пооскудното богословско образование на коливарите, во споредба со она на големите претставници на исихазмот, помеѓу нив постои изразита сингенијалност, содржана во заедничката вкоренетост во истото духовно-егзегетско предание.
[3] Стефан Санџакоски, Историјата како иконостас, Скопје 2003, стр. 142
[4] Исто, стр. 142
[5] Исто, стр. 142
[6] Кратко житие на свети Никодим Агиорит, Успение бр. 5, Јуни 2003, стр. 77
[7] Стефан Санџакоски, Историјата како иконостас, Скопје 2003, стр. 142
[8] Кратко житие на свети Никодим Агиорит, Успение бр. 5, Јуни 2003, стр. 77
[9] Образованието стекнато на „пустинскиот универзитет“ не може да се вреднува само од аспект на формата, на квантитетот на информациите кои тој ги нуди на своите „студенти“. Ваквиот пристап кон образованието е својствен за секуларниот образовен систем. Од таквата еднострана перспектива произлегува и потценувачкиот однос кон неговите претставници кон реалните образовни капацитети на „манастирските училишта“. Нивната предност е, пред сè, во суштината, а не во формата. Во нив процесот на образованието е органски поврзан со воспитниот процес, што не е случај со секуларниот образовен концепт. Според христијанското теолошко предание, образованието секогаш подразбира уподобување на Првообразот, а воспитувањто (=хранење) секогаш во себе носи длабока евхаристиска поента и претставува незаобиколен дел од процесот на образованието.
Значењето на „пустинскиот универзитет“ се состои првенствено во суштината на неговото образование и воспитание, а не толку во формалниот степен на едуцираност кој може да се стекне во него – Богочовекот останува негова крајна смисла и критериум. Во христоцентричното образование ништо не претставува причина само за себе – Христос е причина за сè и цел на сè е да се стигне до Христа. Просветување за да се спознае Светлината, изучување на словото за да се спознае Словото, барање на вистината за да се пронајде Вистината – токму во тоа се состои и суштината на Кириловото просветителство.
Според ваквиот образовен концепт, сите интелектуални модификации и надградувања се пожелни, но не надвор од оваа основа, не надвор од Христа, бидејќи, во спротивано, секое образование (без Образот како конечна цел), останува до смрт обесмислено, суетно и апсурдно. Тоа е патот на нововековното просветителство и цивилизацијата која произлезе од него – светот на апсурдот, бесмислата и бавната, но сигурна смрт. Длабоката егзистенцијална поента на христоцентричниот просветителски и образовен модел ја надминува по својата важност надворешната интелектуална орнаментика. Во тоа и се состои предноста и возвишеноста на „пустинскиот универзитет“ над граѓанскиот.
Напишете коментар